Свечено одбележување на денот на училиштето
Денес во Прилеп по повод 78 годишнината од загинувањето на Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски, двајцата народни херои и учесници во НОВ, имаше низа одбележувања во истоимените основни училишта во општина Прилеп. Kруме Волнароски и Кире Гаврилоски-Јане пред 78 години херојски ги положиле животите во НОБ за конечна слобода на Македонија. Убиени се во заседа на бугарската полиција борејќи се до последен здив и пеејќи за Македонија.
Делегации од Општина Прилеп и Советот на Општина Прилеп заедно со претставници на основните училиштa положија свежо цвеќе пред бистите на овие македонски херои во знак на нивните прерано згаснати животи во борбата за слободна Македонија.
Во основните училишта „Kруме Волнароски“ и „Кире Гаврилоски-Јане“ се одржаа и пригодни програми од страна на учениците за овој ден.
Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година во Прилеп остварил средба со Круме Волнароски и со други делегати од иницијативниот одбор на АСНОМ, со цел избор на претставници од Прилеп и околината за собранието. По вечерниот состанок, утрото делегатите започнале да заминуваат кон своите дотогашни локации, а Гаврилоски и Волнароски останале во куќата каде што бил состанокот.
На заминување, еден од овие делегати (Генади Лешко) е запрен од Вера Ѕвездова, која почнала да се распрашува за престојот на Лешко во градот. Иако Лешко негирал било каква поврзаност, Ѕвездова упорно му тврдела дека тој таму прави нешто. Потоа му кажала „да останете уште малку“ и му дала сигнал на едно дете, кое веднаш се стрчало во сокакот. Така Генади Лешко решава да оди кон дуќанот на една од партизанските врски. Таму ја известува врската за настанот со Ѕвездова и предупредува дека можеби ќе дојде до провала, со цел борците да бидат итно предупредени! Ова предупредување стигнува до нив кон 13 часот и Волнароски и Гаврилоски одлучуваат да се префрлат уште денски во друг стан. Префрлањето никогаш не го реализирале.
Околу 15 часот бугарската полиција го опколува маалото каде се наоѓа куќата каде се криеле партизаните. Во куќата е и Цветанка Наскова која пробала да ги скрие и да им помогне. Групата со помош на Наскова се обидела да изведе трик дека избегале, но овој не поминал успешно кај полицајците кои знаеле дека тие се на таванот. Престрелката на почетокот била слаба со цел борците да бидат фатени живи од полицијата, а тие добиле и понуди дека ќе им бидат дадени слободен премин во Бугарија и награда од милион левови ако се предадат и кажат се што знаат.
Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај. Куќата била запалена но борците продолжиле храбро да стрелаат од неа и покрај пламенот. Паралелно тие пееле и извикувале разни антифашистички пароли, во кои особено се истакнал Волнароски. Тој, откако сфатил дека во пожарот ќе се сруши кровот, истрчал низ вратата сакајќи да го пробие обрачот, но бил покосен пред самиот праг на куќата. Гаврилоски најверојатно се самоубил пред да биде проголтан од огнените јазици во пламената куќа. Последниот куршум го чувал за себе.
Видео од свеченото одбележување на денот на училиштето.